ШУКОВ, Јован (с. Љумница, Егејскиот дел на Македонија, 21. Ⅲ 1940) – унив. професор. Завршил Висока школа за физичко воспитание во Белград (1964). Магистрирал на Медицинскиот факултет во Скопје (1976) на темата „Деформитети на ’рбетот како последица од дејството на надворешни услови во возраста од 8 до 12 години“. Докторирал на Факултетот за физичка култура во Скопје (1986) на темата „Превенција и корекција на лошото држење и телесните деформитети на ’рбетот со помош на адекватни комплексни вежби кај учениците од основните училишта“. Работел како професор и директор на училиште (1964–1981). На Факултетот за физичка култура во Скопје бил избран за виш предавач (1981) и за редовен професор на предметот кинезитерапија (1990). Во еден мандат бил декан (1991–1993). Бил гимнастичар, тренер и општествено-спортски работник. Објавил повеќе стручни и научни трудови. Д. С.