ШТЕДИЛНИЦИ ВО РМ

ШТЕДИЛНИЦИ ВО РМ – финансиски институции што прибираат штедни влогови на населението. Можат да се основаат како акционерски друштва, или како друштва со ограничена одговорност, а како основачи можат да се јават домашни правни и физички лица. Минималниот основачки капитал на штедилниците изнесува 250.000 евра. Активностите што ги извршуваат штедилниците се многу ограничени и се сведуваат на прибирање денарски штедни влогови и на одобрување кредити на населението. Исто така, тие можат да одобруваат кредити и на претпријатија, но само преку посредство на банките. На крајот на 1992 г. во Македонија работи само една штедилница – Поштенската штедилница. Во мај 1993 г. е донесен Законот за банки и штедилници со кој се регулира основањето, работењето и супервизијата на штедилниците. Во почетокот на 1997 г. се случува големиот скандал со пирамидалните шеми за штедење и незаконското работење на неколку штедилници од кои најголема е штедилницата ТАТ д.о.о. – Битола. Пропаста на овие штедилници води кон загуба на штедните влогови на голем број штедачи, а создава и големи негативни ефекти врз довербата во целокупниот банкарски систем. Непосредно по про-паста на овие штедилници, дел од загубите на штедачите се компензираат со исплата на средства од буџетот и од централната банка, а во текот на 2002 г. на штедачите им се издаваат преносливи сертификати со можност да се купуваат акции и удели во одредени државни претпријатија, опфатени со процесот на приватизација. Како реакција на овие скандали, во февруари 1997 г. НБРМ го ограничува износот на штедните влоштедилница гови што штедилниците можат да го прибираат до нивото на нивниот основачки капитал, а максималната изложеност кон еден должник е намалена на 10% од гарантниот капитал. Во јули 2000 г. е донесен нов Закон за банки, во кој не се опфатени штедилниците и оттогаш нивниот статус е во процес на преиспитување. Во текот на 2001 г. Поштенската штедилница е приватизирана и трансформирана во Поштенска банка. На крајот од 2006 г., во Македонија функционираат вкупно 12 штедилници, при што нивното учество во банкарскиот сектор е незначително, т.е. тие учествуваат само со 1.3% во вкупната актива и со 2,2% во вкупните кредити на банкарскиот систем. ЛИТ.: Љупчо Трпески, Пари и банкарство, Ецономѕ Пресс, Скопје, 2003, 555–56; Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006, 139-155. Г. П.