ШЛЕМ

ШЛЕМ – ТИП БАЛДЕНХЕИМ (од Хераклеја) – откриен во 1966 г. меѓу урнатините на Јужниот анекс Ⅲ од Големата базилика. Декорацијата на бакарната (позлатена) челна лента го прави овој примерок единствен меѓу триесетината досега откриени шлемови од овој тип. шест печати, инспирирани од нумизматички предлошки, се втиснати така што пренесуваат одредена симболична порака. Изгледот на матриците, литургиските грчки натписи, иконографијата и квалитетот на изработката упатуваат на неговото потекло од Константинопол во периодот од крајот на Ⅴ и првите децении на Ⅵ в. Неговиот носител секако бил од висок ранг и поданик на источноримскиот владетел. ЛИТ.: Е. Манева, Нумизматички предлошки во декорацијата на шлемот со спојки од Хераклеја, Монетите и монетоковниците во Македонија, Скопје, 2001, 85–91. Ел. М.