ШКОКЛЕВ, Антоние

ШКОКЛЕВ, Антоние (с. Д’мбени, Костурско, Егејскиот дел на Македонија, 24. Ⅸ 1923) – максилофацијален хирург, редовен професор на ВМА, генерал на ЈНА (во пензија). Учесник во НОБ (до 1945), кога и се демобилизирал како санитетски референт на бригада. Студиите по општа медицина ги продолжил во Белград, каде што и дипломирал (1950), положил специјалистички испит по максилофацијална хирургија (1962) и докторирал (1965). Од 1972 г. до пензионирањето е началник на Клиниката за максилофацијална хирургија при ВМА. За член на МАНУ надвор од работниот состав е избран на 24. Ⅵ 1986 г. Бил на усовршување во Лондон и во други европски центри, како и во САД. Во Кина ги совладал проблемите на акупунктурата, за која напишал и 10 книги. Автор е на околу 260 стручни и научни трудови. Учествувал на бројни научни собири во земјата и во странство (Париз, Цирих, Венеција, Хамбург, Виена, Каиро, Кантон). Дел од неговите книги се преведени на повеќе јазици. Трудовите се претежно од областа на реконструктивната лицева хирургија, туморите, како и огнено-стрелните трауми. Неговата голема љубов кон својата татковина ја изразува преку едукацијата на повеќе македонски лекари на Клиниката, во која подолго време беше директор (ВМА). Со љубов ја проучува античката историја на Македонија, за која издава и книги. Член е на многу стручни и научни светски асоцијации, но и на Друштвото на книжевниците на Србија. Едуцирал преку 700 лекари од земјата и од странство. Како професор по покана предавал во познати светски медицински центри. Ил. В.