ЧУЧКОВ, Мане

ЧУЧКОВ, Мане (Емануил) Христов (Ново Село, Штипско, 14/27. Ⅺ 1901 – Скопје, 1. Ⅸ 1967) – македонски државник, унив. професор, општествено-политички и културно-национален деец. Основното образование го завршува во Штип, гимназијалното во Штип и Скопје, а високото (етнографија, антропогеографија и физичка географија) на Филозофскиот факултет во Белград и Скопје (1925). Излезен од револуционерно семејство, тој уште како ученик е вклучен во „социјалистички кружок“ (1919), а за учество во агитацијата за изборите првпат е приведен (1921). Еден е од основачите на ММТРО во Скопје (1923). На митинг во Штип пак е затворен (1924), а по откривањето на аферата на ММТРО (1927) одново е уапсен, но поради немање докази е ослободен. УШТЕ при првото службување во Охрид пак е затворен и суплентскиот стаж го завршува во Свилајнац (Србија). По положувањето на професорскиот испит во Белград (1929), тој службува с“ до 1941 г. како гимназијален професор во Србија и Босна: Свилајнац, Чачак, Биелина, една учебна година во родниот град (1935/36), па пак во Смедеревска Паланка и ќуприја и на крајот во Великата медреса во Скопје (1941). По бугарската окупација, како внук на војводата Чучков, Мане е поставен за директор на гимназијата во Прилеп, а потоа и во Скопје. УШТЕ во есента на 1943 г. станува член на АНОК, којшто реагира на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОЈ и бара да се води борба за обединета Македонија, а не за границите на Кралството Југославија. По излегувањето партизан тој е избран за потпретседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ (30. Ⅳ 1944), а како еден од тројцата членови на делегацијата учествува во разговорите со Националниот комитет и Тито на Вис за судбината на Македонија по Војната (24. Ⅵ 1944). На И заседание на АСНОМ го чита рефератот „Народно-демократската власт во Македонија“ и е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ (2. Ⅷ 1944). Во октомври стигнува во Белград како „повереник за земјоделие“ на НКОЈ, а по формирањето на Владата на Југославија Ч. е „министер за Македонија“ (7. Ⅲ 1945 – крајот на февруари 1946). Поради ставовите, споделувани и со М. А. Ченто, застапувани на седниците на Владата и пласирани во југословенскиот печат околу прашањето за субјективитетот и поголемиот суверенитет на Македонија во Федерацијата, како и за обединувањето и на другите делови, тој е сменет и вратен во Македонија. Со група македонски интелектуалци, Ч. во Скопје е обвинет од ЦК на КПМ за дејствување „спротивно на партиската линија“, па политички е деградиран и назначен за директор на Народната библиотека, избран за пратеник во Народното собрание на Македонија (1846–1950), поставен е за директор на Заводот за домашни уметнички ракотворби „Македонски фолклор“ (1947), соработник на новооснованиот Институт за национална историја (1948), директор на Државниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ (1949), а извесно време и потпретседател на Комитетот за високи школи. Потоа станува хонорарен доцент (1954) и редовен наставник по Економска географија на Економскиот факултет во Скопје (1957). Ја одбранува порано започнатата докторска дисертација „Овче Поле. Географско-стопанска студија“ (март 1958). Автор е на повеќе универзитетски и средношколски учебници и прирачници и истражувања од областа на историјата, географијата, економијата, фолклористиката, етнографијата и просветата во Македонија. БИБ.: Варошица Св. Николе на Овчем пољу, „Гласник Скопског научног друштва“, ⅩⅤ и ⅩⅤⅠ, 1936; Преглед становништва и насеља Овчег Поља, „Луч“, И 5-6, 1938; Опиумско питање и изгледи на преоријентацију привреде Јужне Србије, „Културна лига“, 4, 1939; Изграѓивање нове Турске, „Јужни преглед“, 11-12, 1938, и 1, 1939; Од Македонија до Маршал Тито и назад, „Илинденски пат“, 7–8, 1944, 39-49; Састанак „велике тројице“ и терор грчких монархо-фашиста у Јегејској Македонији, „20 октобар“, Београд, фебруар 1945, 3; Македонија у борби за демократизам и федерацију, „Глас Јединственог Народно-ослободилачког фронта Србије“, Ⅳ, 24, Београд, 13. Ⅲ 1945, 3; Словенци и Македонци претстража Јужног Словенства, „Глас Јединственог Народно-ослободилачког фронта Србије“, Ⅳ, 39, 1945, 3; Македонија и Македонци, „Вјесник Народног фронта Хрватске“, В, 147, Загреб, 10. Ⅹ 1945, 1–2. ЛИТ.: Гиго Милески, Во сеќавање на проф. д-р Мане Чучков. Живот и дејност, „Географски разгледи“, Ⅴ Скопје, 1967, 167-171; Трајко Босеовски, Судбината на првиот македонски потпретседател Емануил Чучков, „Нова Македонија“, 6–8. И 1994, 19; Блаже Рстовски, Дејноста и улогата на Мане Чучков пред и по АСНОМ. Обид за монографско профилирање, зб.: Република Македонија 60 години по АСНОМ. Зборник од научниот собир по повод шеесетгодишнината од АСНОМ одржан во Скопје на 15–16 декември 2004 година, Скопје, 2005, 47–88. Бл. Р.