ЧОКРЕВСКИ, Томислав

ЧОКРЕВСКИ, Томислав (Битола, 11. ⅩⅠⅠ 1934) – универзитетски професор, социолог, државник. Основно образование и гимназија завршил во родниот град. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1958). Магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград (1967), а докторирал на Правниот факултет во Скопје, на тема „Социјалната природа и функција на големите организации и развитокот на социјалистичката демократија“ (1976). На Правниот факултет во Скопје е избран за предавач по предметот социологија (1968), за виш предавач (1972), за вонреден (1977) и за редовен професор (1982). Бил уредник на списанието „Погледи“ (1964) и републички секретар за образование, наука и култура (1967–1971). Бил декан на Правниот факултет во Скопје (1991/92), ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1992/93–1993/94) и министер за внатрешни работи во Владата на Бранко Црвенковски (1995–1998). Објавил поголем број монографски дела и учебници од областите на социолошките и политичките науки. Основната идеја што ја следи во социологијата е функцијата на големите организации во демократијата. БИБ.: Организационо општество, Скопје, 1995; Социологија на правото, Скопје, 2000. ЛИТ.: Правен факултет – Педесет години, 1951–2001, Скопје, 2001. Св. ш. Васко Чоланчески