ЧАЧАНСКИ, Крсте

ЧАЧАНСКИ, Крсте (с. Драслајца, Струшко, 25. Ⅸ 1949 – Струга, 13. Ⅱ 2003) – поет, раскажувач, романсиер. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Бил директор на Домот на културата во Струга. Вистинската книжевна афирмација ја доживеал со расказите и романите. Патилата и црнилата на македонскиот човек, судбината на откорнатикот, родното поднебје и нивната универзалност се посведочуваат со сопствен автентичен исказ. ДЕЛ: Стихозбирки: Бреговина, Ск., 1972; Лавиринт, Ск., 1992; поезија за деца Азбукар, Ск., 1995; книги раскази Писма, Ск., 1982; Бермудски триаголник, Ск., 1992; Индиго и Квазар, Ск., 1999; романи: Божјиот сон, Ск., 1994; Сенката на лилјакот, Ск., 1997 и Книга на небото, Ск., 2000. В. Тоц.