ЦВРСТ КОМУНАЛЕН СМЕТ

ЦВРСТ КОМУНАЛЕН СМЕТ – градовите и селата се дефинираат како урбани и рурални екосистеми, кои се одликуваат со промет на материи и енергија неопходни за исхрана на граѓаните и за производството. По нивното искористување не се добиваат само производи, туку и отпадоци што се исфрлаат во животната средина. По искористувањето на ендогената енергија од прехранбените производи се создава цврст комунален смет. Неговиот состав е променлива величина што зависи од степенот на преработката на прехранбените производи и од начинот на нивното пакување. Напредокот во технологијата овозможи прехранбените производи да се пакуваат во разновидна амбалажа: хартија, картон, стакло, пластични материи и метал. Градовите и руралните населби како хетеротрофни екосистеми во начинот на исхраната, секојдневно бараат внесување разновидни прехранбени производи (свежи и преработени), од кои по нивното искористување се создава цврст комунален смет. Во производствените процеси влегуваат најразновидни материи, а во грејната сезона и големи количини цврсти енергенти, кои по нивното искористување создаваат пепел како отпадок. Во него се вклучува и отпадот што се создава при реконструкции на живеалиштата и на деловните простории. Секојдневно се создаваат големи количини цврст комунален смет што треба да се изнесува и да се депонира на депонија. Со системска организација, во која и граѓаните стануваат активни субјекти во неговото одржливо управување, може да се организира селекција на сметот и создавање услови за повторно искористување на материите како секундарни суровини. На таков начин забележително се намалуваат количините на комунален смет кој треба да се депонира на депонија. Љ. Гр. Душан Цекиќ