ХРВАТСКИ СОКОЛ

„ХРВАТСКИ СОКОЛ“ – ЗАГРЕБ – спортска организација. По Илинденското востание во Македонија започнал акција за прибирање на парична помош за настраданите Македонци и ги повикал патриотските друштва да му се придружат (1904). Во негова организација било одржано свечено собрание во Загреб (5. Ⅲ 1904) кое прераснало во масовна манифестација на солидарност и поддршка на македонскиот народ во борбата за слобода и осуда на страдањата на македонското население. Од прибраните пари на самото Собрание испратени се 2039 круни и 88 филери на Добротворното друштво „Милосрдие“ во Софија како помош за македонските бегалци. Помош прибирале и соколските друштва во внатрешноста и други организации во Хрватска. ЛИТ.: Михајло Миновски, Активноста на организацијата „Хрватски сокол“ за солидарност на хрватскиот народ со борбата на македонскиот народ за национално ослободување во времето на Илинденското востание, „Прилози за историјата на физичката култура на Македонија“, Скопје, 1978, 79–90. Д. С.