ХАЏИЗДРАВЕВ, Никола

ХАЏИЗДРАВЕВ, Никола (Прилеп, 4. Ⅷ 1909 – Скопје, 25. Ⅺ 1970) – лекар, епидемиолог-микробиолог. Медицина завршил во Белград (1934), а потоа работел приватно до 1940 г. Бил партизански лекар и командант на Медицинско-санитетскиот баталјон на 48-та македонска ударна бригада. По војната (до 1949) бил командир на Антималаричната чета на Петтата армиска област. Во 1950 г. се демобилизирал и бил здравствен советник во Сојузниот институт за тропски болести, од каде што бил повлечен во Републичкиот завод за здравствена заштита. Како бактериолог и епидемиолог стекнал голем респект особено заради неговиот придонес во ерадикацијата на маларијата во РМ. Работел во ресорот за ерадикација на маларијата во Сојузната епидемиолошка комисија. Работниот век го завршил како здравствен советник во Министерството за здравство на СРМ. П. Б. Трифун Хаџијанев