ФИЛОЗОФСКО ДРУШТВО НА МАКЕДОНИЈА

ФИЛОЗОФСКО ДРУШТВО НА МАКЕДОНИЈА – здружение на граѓани кои се професионално поврзани или заинтересирани за филозофијата, првпат формирано во 1956 г. Во периодот 1967– 1975 г. дејствува како Друштво за филозофија и социологија на СРМ, кога се трансформира во Секција за филозофија при Друштвото за филозофија, социологија и политикологија на СРМ. Како Филозофско друштво на Македонија е регистрирано во 1996 г. и пререгистрирано во 2003 г. Член е на Светската федерација на филозофски друштва (ФИСП) од јуни 2006. Основна задача му е поттикнување, развивање и афирмирање на филозофијата како теоретска и наставна дејност. За реализирање на таа задача Друштвото преземало разни активности: организирани се голем број симпозиуми (неколку меѓународни), кои се посветени на делото на познати светски и наши филозофи (Кант, Хјум, Декарт, Павао–Вук Павловиќ, Јосифовски, Илиевски и многу др.), како и на одделни филозофски прашања: стручни расправи по значајни филозофски теми; активности поврзани со подигнување на нивото на наставата по филозофија и другите филозофски дисциплини во средното и во високото образование; истражувања на филозофската традиција во Македонија (проект: Историја на филозофијата во Македонија); издавачка дејност (заедно со Институтот го покрена и го издаваше списанието (в.) „Филозофска трибина“ односно (в.) „Филозофија“); јавни предавања, трибини; написи и настапи на неговите членови во печатените и електронските медиуми и др. Одигра значајна улога во заживувањето и збогатувањето на филозофскиот живот во Македонија. ЛИТ.: М. Ѓошевски, Од работата на секцијата за филозофија, Филозофска трибина, Скопје, 5–6, 1981, 332–343. В. Панз.