УСЈЕ

УСЈЕ – рудник за цементен лапорец што се наоѓа во атарот на селото Усје, Скопско. Лапорецот е лоциран во миоценски седименти што се широко распространети помеѓу Маркова Река и југоисточните падини на ридот Водно. Миоценот, литолошки е претставен со конгломерати и песочници, лапоровити глини, лапорци. Преку миоценските седименти постепено се таложени седименти со плиоценска старост претставени со песочници, песоци и песокливи глини. Варовничките лапорци, лапорците и глиновитите лапорци имаат масивна и банковита градба или пак се јавуваат во слоеви. По боја се жолтеникави, сиви, сивозелени до темно сиви, а бојата зависи од содржината на карбонатната, глиновитата и песокливата материја. ЛИТ.: Милорад Стојановиќ, Наоѓалишта на неметални минерални суровини во Македонија, Скопје, 2005. Т. Сер.