ТОШЕВ, Крум

ТОШЕВ, Крум (Прилеп, 16. Ⅱ 1912 – Скопје, 1976) – славист, универзитетски професор. Завршил гимназија во Битола, а потоа дипломирал на Филозофскиот факултет во Белград (1937). Работел како професор во Даниловград, Струмица и Слатина. Бил член на Комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик и на првиот Редакциски совет на новооснованото Државно книгоиздателство на Македонија. Како професор, го одржал првиот студентски час на новооснованиот Филозофски факултет во Скопје (декември 1946). Бил раководител на Одделот за народна книжевност при Институтот за фолклор и прв директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (1. Ⅲ 1953 – 1. Ⅹ 1973). Бил уредник на сп. „Македонски јазик“ и „Литературен збор“. Коавтор е на првиот „Македонски правопис со правописен речник“ (Скопје, ноември 1950, заедно со Блаже Конески). Освен тоа, автор е на повеќе учебници и читанки по македонски јазик и литература за основно и средно образование, како и поголем број научни и стручни трудови за основните карактеристики на фонолошкиот и граматичкиот систем на македонскиот литературен јазик. С. Мл. Пере Тошев-Лефтер