ТОМОВСКИ, Крум

ТОМОВСКИ, Крум (Скопје, 21. ⅩⅠⅠ 1924) – архитект, редовен професор на Архитектонскиот факултет, член на МАНУ (од 1974). Објавил над 200 библиографски единици од областа на архитектурата и ја претставува првата повоена генерација дипломирани македонски архитекти, кои не само што ја прифаќаат одговорната задача канализирано и организирано да продуцираат стручни кадри (преку работата на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет, подоцна Архитектонски факултет), туку се впуштаат и во дефинирање на основните вредности на архитектонската историографија. Со своите трудови е еден од основоположниците на тој нагласен интерес за архитектонските традиции, за афирмација на вредностите на народното градителство, традиционалната архитектура во Македонија од разните историски или стилски периоди на развојот. Зафаќајќи се и со конзерваторско-реставраторската проблематика, во текот на својата плодна професионална кариера, реализира бројни проекти од тој домен. На тој начин ги надградува своите научноистражувачки искуства поврзани со студирање, истражување и афирмација на архитектонските споменици, претставувајќи ја таа значајна материја пред домашната и странската научна и стручна јавност. Еден од позначајните објавени трудови, чија вредност од денешна перспектива се покажа од исклучителна важност за утврдувањето на реалните вредности и оригинални специфики на преродбенското македонско градителство од ⅩⅠⅩ век, е изданието посветено на Андреја Дамјанов (1966). Вршејќи директни или споредни влијанија, ова издание, заедно со многу други објавени негови трудови стана појдовна точка за откривање на македонскиот национален идентитет низ архитектурата, инспирирајќи бројни истражувачи. Богатата професионална кариера ја гради преку активната работа во МАНУ давајќи свој придонес кон градењето на односот кон архитектонскиот континуитет во Македонија. ЛИТ.: Георги Константиновски, Градителите во Македонија ⅩⅤⅠⅠⅠ–ⅩⅩ век, Скопје, 2001, 210. К. Гр. Мирче Томовски