ТИТО, Јосип Броз (Кумровец, Хрватска, 7. Ⅴ 1892 – 4. Ⅴ Љубљана, Словенија, 1980) – револуционер-комунист, политичар и државник. Водач на Народноослободителната антифашистичка војна на Југославија (1941–1945), претседател на Федеративна Југославија, почесен член на МАНУ. Пред Првата светска војна бил металски работник. Учествувал во Првата светска војна и бил заробен на фронтот во Русија. Во 1920 г. се вратил во Загреб, каде што се вклучил во работничкото и комунистичкото движење. Во 1928 г. бил избран за член на МК на КПЈ за Загреб, а во 1934 за член на ПК на КПЈ за Хрватска, од каде што бил кооптиран за член на ЦК на КПЈ. Во 1937 г. КИ го поставила за генерален секретар на КПЈ. Го раководел отпорот против фашистичките сили. Како командант на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ во летото на 1941 г. го организирал создавањето на Народноослободителната војска на Југославија. Победил во неколку решавачки битки против германските и другите воени сили; го организирал одржувањето на Второто заседание на АВНОЈ (29–30 ноември 1943), кога бил избран за претседател на Националниот комитет за ослободување на Југославија (НКОЈ). Се застапил за создавање национални држави на југословенските народи, меѓу кои и за македонскиот народ, за Македонија како членка и конститутивен елемент на Југословенската Федерација. Во својство на претседател на НКОЈ, во јуни 1944 г. на Вис ја примил македонската делегација предводена од Методија Андонов-Ченто, преседател на ИО за свикување на АСНОМ, на разговор за македонското прашање. На 7. Ⅲ 1945 г. формирал Привремена влада на ДФ Југославија во која, по барање на западните сојузници, привремено биле вклучени и претставници на Кралската влада. По прогласувањето на ФНРЈ (29. Ⅺ 1945) бил избран за претседател на Владата на ФНРЈ. Имал силно влијание во донесувањето на Првиот устав на ФНРЈ (по примерот на советскиот), со кој се централизира власта во Федерацијата. Напоредно со премиерската, ја вршел и функцијата генерален секретар на КПЈ и неколку други функции, воспоставил силна лична власт и создал култ на својата личност. Во судирот со КПСС и Сталин во 1948 г., со помошта од западните земји, излегол како победник. Била употребена репресија врз неистомислениците. По уставните промени во 1953 г. првпат бил избран за Претседател на Југославија. Во 1961 г. по негова заслуга во Белград се одржала првата Конференција на неврзаните земји, создавајќи го т.н. Движење на неврзаните земји со водечка улога на Југославија. Во периодот од шеесеттите години, па до пред неговата смрт бил трипати прогласуван за народен херој на Југославија. Во 1974 г. бил избран за претседател на СФРЈ без ограничување на мандатот. Бил избран за почесен член на МАНУ. Починал во Клиничкиот центар во Љубљана, а погребан бил во Белград. ЛИТ.: Група автори, Тито и Револуција 1937-1967, Београд, 1967; Историја на Сојузот на комунистите на Југославија, Скопје, 1985; Михаило Апостолски, Тито – стратег на Револуцијата на народите и на народностите на Југославија, „Историја“, ⅩⅤⅠⅠⅠ/1, Скопје, 1977; Д-р Александар Христов, Тито у Скупштини Социјалистичке Југославије 1942-1977, Београд, 1978; Владимир Дедијер, Прилози за биографију Ј. Б. Тита (повеќе изданија); Коста Цавоски, Тито – технологија власти, Београд, 1991. Н. В.