СУШЕЊЕ НА ДРВОТО

СУШЕЊЕ НА ДРВОТО – систем од методи и техники за отстранување на непотребната вода (влага) од дрвото. Намалувањето на водата во дрвото се изведува со сушење. За сушење на масивното дрво се користат следниве начини: сушење без доведување топлина и сушење со доведување топлина (вештачко-термичко сушење). Во првата група влегуваат: природното (атмосферско), механичкото и биолошкото сушење. Во втората група влегуваат: конвективното и контактното сушење, сушењето со радијација, со прегреана водена пареа, со високофреквентна електрична енергија, во вакуум, со хидрофобни течности, со сончева енергија и со хемиски средства. Најголема практична примена имаат природното сушење (на отворен простор, под стреи или комбинација од двете) и конвективниот метод (сушење во специјални објекти – сушилници). Покрај сушењето на масивното дрво, постојат методи и техники за сушење на фурнири и дрвени иверки. Сушењето на фурнирите се врши по вештачки пат во сушилници (кај некои сечени фурнири и по природен пат), додека сушењето на дрвените иверки се врши само по вештачки пат. Б. Ил.