СТРУМИЧКО-РАДОВИШКА КОТЛИНА

СТРУМИЧКО-РАДОВИШКА КОТЛИНА – се наоѓа во југоисточниот дел на РМ, односно во горниот и средниот дел од сливот на река Струмица. Таа е формирана по тектонски пат, со спуштање на земјиштето по должината на раседните линии помеѓу планините: Беласица на југ, Огражден, Плачковица и Готен на север, Плауш и Смрдеш на запад. Припаѓа кон Родопската маса. Зафаќа површина од 1.482 км², а надморската височина се движи од 200 м до 1.881 м. Котлината се дели на три дела: Струмичко, Радовишко и Дамјанско Поле. Рамничарскиот дел на котлината се протега помеѓу 200 и 500 м и зафаќа површина од 29.000 ха. Дамјанското Поле е највисоко, а Струмичкото е најниско и на север спрема планината Огражден дното на котлината ја зголемува височината. На запад по долината на Бела Река и Тркајна котлината е поврзана со малите Попчевско и Костуринско Поле. На исток Струмичко Поле се стеснува и источно од Ново Село, помеѓу Беласица и Огражден, широчината е околу 2 км, за потоа реката Струмица преку Клучната Теснина да навлезе во Петричката Котлина (Пиринскиот дел на Македонија). По целата должина во подножјето на планините се наоѓаат фосилизирани дилувијални наноси, на кои се изградени повеќе селски населби и двете градски населби: Струмица и Радовиш. Со изградбата на системите за наводнување во Котлината е овозможено да се одгледуваат и да се обезбедат високи приноси на раноградинарски култури. ЛИТ.: Манаковиќ Д., Андоновски Т., Релјефни карактеристики на Источна Македонија, „Географски разгледи“, кн. 17, Скопје, 1979; Стојмилов А., Физичка географија на Р. Македонија, Скопје, 2003. Т. Анд.