СТРАТЕГИСКИ МЕНАЏМЕНТ

СТРАТЕГИСКИ МЕНАЏМЕНТ – проактивен процес на остварување долгорочна компатибилност на претпријатието во предвиденото окружување. Од формален аспект, стратегискиот менаџмент е процес на идентификација, избирање и извршување на најпрофитабилниот начин за обезбедување долгорочна компатибилност меѓу интерните предности и слабости на претпријатието и екстерното окружување во кое тоа дејствува. Аналитичкиот приод овозможува да се изведат следниве активности, кои треба да ги извршуваат менаџерите на повисоко ниво: прво, да идентификуваат, да избираат и да применуваат таква стратегија за која веруваат дека ќе биде победничка за нивната организација; стратегијата не може да биде копирана од други претпријатија, било да се во иста или во различна индустрија; секое претпријатие е специфично во поглед на способностите, ресурсите, конкурентите и окружувањето; доколку се идентични, тогаш во другото претпријатие ќе бидат различни начините на извршување; со други зборови, треба да се утврдат специфичните услови на дејствување на претпријатието; второ, да бидат способни за ефективно искористување на интерните способности и ресурсите на претпријатието; оваа активност вклучува човечки, физички и парични ресурси во секое подрачје во претпријатието; трето, да бидат способни да ги ангажираат адекватно интерните способности и ресурсите во светлина на крајно променливата конкуренција, економското и општественото окружување; секое претпријатие егзистира затоа што врши некаква функција преку која општеството бара тоа да понуди производи и услуги што ќе ги задоволуваат економските потреби на пазарот, или производи и услуги кои ќе ги задоволуваат општественоекономските потреби. Моделот на стратегиски менаџмент, сфатен како дескриптивен или графички начин на претставување на мисловниот редослед на активностите, го оспособува менаџерот да ги избере приоритетните стратегии во дадена ситуација. И покрај разликите, постојат одредени заеднички елементи во моделите за стратегиски менаџмент. Тие заеднички прашања се однесуваат на: оценувањето на окружувањето, формулирањето стратегија, извршувањето на стратегијата и на оценувањето и контролата на стратегијата. Стратегискиот менаџмент евидентно е профилиран за остварување на долгорочните цели на претпријатието. Поаѓајќи од фактот дека македонската економија уште од осумдесеттите години на минатиот век е соочена со сериозни кризни нарушувања, менаџментот на најголемиот дел од македонските претпријатија е соочен со потребата да се фокусира на влечење краткорочни потези насочени кон преживување на фирмите, поради што долгорочните аспекти на развојот на фирмите, многу чес-то, изостануваат. Ваквата состојба, со мал број исклучоци, го потиснува стратегискиот менаџмент на втор план. ЛИТ.: Бобек шуклев, Менаџмент, четврто издание, Скопје, 2004. Б. ш.