СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА

СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА – организирана дејност од државата за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот, семејството и групи население во текот на животот, како што се: ризици за здравјето (болест, повреда и телесна спреченост), ризици на стареењето (старост и преживување), ризици на мајчинство и семејство, ризици од невработеност и професионална неадаптираност и ризици од неадаптираност кон социјалната средина. Социјалната заштита вклучува услуги што во рамките на долготрајна стационарна и институционална заштита во социјални институции, комбинирани со услуги за згрижување во заедницата преку центри за дневно згрижување и социјални услуги за хронични болни, стари лица и други групации со специјални потреби, како што се: душевните болни, ментално хендикепираните лица и лицата со физички недостатоци. Секоја Влада по правило донесува програма за социјална заштита на сите нивоа, која служи како основа за помош на лицата во неволја заради одржување на основниот животен стандард, преку финансиска помош, бонови за храна или специјални ваучери за здравствени услуги – онаму каде што овие не се универзално достапни. Границата меѓу здравствената и социјалната заштита варира од една до друга земја, особено во однос на социјалните услуги што вклучуваат и значителна, но не доминантна компонента на здравствена заштита, како, на пр., долготрајна заштита на постари лица зависни од туѓа помош и нега. Покрај мер-ките за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните утврдени со Законот за социјалната заштита, грижата на државата за спречување на настанување социјален ризик се остварува и преку преземање мерки во даночната политика, вработувањето, политиката на стипендирање, политиката за станови и семејства, здравството, воспитувањето и образованието и на другите подрачја во согласност со закон. ЛИТ.: Министерство за труд и социјална политика на Р. Македонија. Закон за социјалната заштита, „Сл. весник на РМ“, 50/1997, 16/2000 65/2004 и 62/2005. Д. Д.