СОЛУНСКА ГИМНАЗИЈА

СОЛУНСКА ГИМНАЗИЈА – прва полна гимназија во Македонија, основана од Бугарската егзархија, отворена во 1881 г. во Солун под името Бугарска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, иако работата ја започнала уште во учебната 1879/80 г. За прв директор бил назначен учителот и учебникар Кузман шапкарев, кој по само една година, поради судир со Егзархијата и нејзината политика, бил принуден да си поднесе оставка. Полна гимназија станува во учебната 1885/86 г. со отворањето на Ⅶ клас. Во рамките на гимназијата, од учебната 1887/88 до 1895/96 г., работело и Педагошко одделение за подготовка на учители. Ова одделение го завршиле 129 ученици, најмногу од Битолскиот вилает (54). Заедно со машката, била отворена и Женска гимназија, која станува шестокласна во учебната 1890/91 г. И машката и женската гимназија имале свои интернати (пансиони). Во периодот 1885/86–1911/12 г. Солунската (машка и женска) гимназија ја завршиле околу 600 ученици од Македонија, меѓу кои и познати македонски револуционерни дејци од времето на националноослободителното движење. Најголемиот дел станале учители. Тука предавале Григор Прличев, Петар Драганов и др. Егзархијата била посебно заинтересирана за развојот и работата на оваа гимназија, би-дејќи во неа гледала влијателен фактор за реализација на нејзините национално-политички интереси и претензии во Македонија. ЛИТ.: Р. Кантарџиев, Македонското преродбенско училиште, Скопје, 1985. К. Камб.