СКОЧИВИРСКА КЛИСУРА

СКОЧИВИРСКА КЛИСУРА – најдолга клисура во Република Македонијасо должина од 80 км. Се протега од с. Скочивир во југоисточниот дел на Пелагонија до с. Возарци во Тиквешката Котлина. Црна Река во клисурата е всечена главно во кристалести шкрилци – гнајсеви, а само на некои места во гранити. Во клисурата во морфолошки поглед се издвојуваат три целини. Првата ја претставува преградата помеѓу Пелагониската и Мариовската Котлина, каде што долинските страни се високи повеќе од 900 м; втората е во пространото плато на Мариовската Котлина; третата се протега од утоката на р. Блашица до с. Возарци. Најимпресивниот и најатрактивниот дел од клисурата се наоѓа помеѓу утоките на Бела Река и Коњарка, каде што се формирани повеќе џиновски лонци, брзаци и слапови високи до 3 м. Т. Анд.