СЕРАФИМОВ, Петар

СЕРАФИМОВ, Петар (Охрид, 28. Ⅴ 1915 – Скопје, 6. Ⅹ 2001) – град. инж., ред. проф. на Градежниот факултет во Скопје (од 1962 до пензионирањето во 1980 г.) по предмети од областа на механиката и теоријата на конструкциите, академик од основањето на МАНУ (1967). Завршил математика во Белград, а потоа студирал градежништво и дипломирал на Високата техничка школа во Дрезден (1946). Продолжил со работа на докторска дисертација и ја одбранил на 16. Ⅵ 1947 г. во Дрезден, станувајќи прв доктор по технички науки од нашата земја. Потоа во Скопје работи во градежната оператива, истовремено предавајќи го предметот рационална механика на Филозофскиот факултет. На 1. Ⅹ 1949 г. Петар Серафимов бил избран за доцент на новоформираниот Технички факултет во Скопје и само неколку дена потоа го означил почетокот на факултетот со првото предавање. Играл значајна улога во развојот на Техничкиот, Архитектонско-градежниот и Градежниот факултет, а конституирањето и напредокот на катедрите за техничка механика и теорија на конструкциите се директно сврзани со неговата работа. Голем придонес дал и во конципирањето и реализацијата на првите постдипломски студии на Градежниот факултет и во ИЗИИС. Работел на реализацијата на најсложени индустриски и инженерски објекти, но, со најголемо задоволство се зафаќал со проектирање на лачни бетонски брани. Бил декан на Архитектонско-градежниот факултет (1971–1973). БИБ.: Избрани поглавја од динамиката на конструкциите, определување на сеизмичките сили и теорија на бранови (1968) и Основи на теоријата на конструкциите (1984). Љ. Т. Свето Серафимов