СВЕТИ ЧЕТИРИЕСЕТ МАЧЕНИЦИ

„СВЕТИ ЧЕТИРИЕСЕТ МАЧЕНИЦИ“ – мала еднокорабна црква во еноријата Геракомија, во близина на денешната зграда на Музејот и Завод во Охрид. Од црквата денес се видливи само темелите на јужниот и западниот ѕид, како и нешто повисокиот ѕид на олтарната апсида, каде што е зачуван и дел од првобитниот живопис, дел од композицијата на Литургиската служба на архијереите пред Христос Агнец. Со археолошките ископувања се откриени делови од некогашната камена олтарна преграда и мноштво фрагменти од фреските, меѓу кои и дел од ктиторскиот натпис. Црквата е широко датирана во ⅩⅤⅠⅠⅠ и ⅩⅣ век. С. Ц.