СВЕТА БОГОРОДИЦА

СВЕТА БОГОРОДИЦА“ – манастирска црква во с. Лешок (Тетовско). За првпат се спомнува во првата половина на ⅩⅣ в., кога била приложена на манастирот „Богородица Левишка“ во Призрен. Подоцна станала метох на манастирот „Св. Атанасиј“ во Лешок. Во 1818 г. во манастирската црква посветена на Богородица доаѓа јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, кој го развива монашкиот живот во овој регион. Црквата во основата има форма на триконхос. Конхите од надворешната страна се тристрани. Подоцна од западната страна бил доѕидан нартекс. Во црквата се зачувани три слоја од фрескоживописот. Најстариот слој е од периодот пред 1326 г., вториот слој настанал во времето на епископот Никанор, кој ја овозможил обновата на црквата (1641), а третиот слој датира од 1879 г., кога галичкиот зограф Михаил Ѓурчинов пресликал одредени делови во црквата. Во близина на црквата се наоѓа гробот на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ. ЛИТ.: В. Петкови¢, Преглед црквених споменика кроз повесницу српског народа, Београд, 1950; К. Балабанов – А. Николовски – Д. ќорнаков, Споменици на културата на Македонија, Скопје, 1980, 207–208. К. Б.