„СВЕТА БОГОРОДИЦА БОЛНИЧКА“ – црква во болничката енорија наспроти „Св. Никола“, изградена во шеесеттите години на ⅩⅣ век, од Јаков, игумен на Климентовиот манастир на Плаошник. По форма е еднокорабна црква со надвишен попречен брод во вид на трансепт. Фрескоживописот од постариот слој е сочуван во олтарниот простор и делумно во наосот каде што се сочувани неколку фигури на светци од првата зона, и допојасните ликови на петозарните маченици во медалјони од втората зона. Фреските од овој слој се дело на зограф што претходно го сликал јужниот параклис на „Богородица Перивлепта“, и подоцна, по завршувањето со сликање на фреските во „Богородица Болничка“, слика во Марков Манастир. Триесетина години по изградбата и живописувањето, црквата била обновена со надградување на ѕидовите и додавање на попречниот кораб, трансептот. Оваа голема обнова се поврзува со неидентификуваниот охридски архиепископ, кој е насликан на јужниот ѕид од црквата, веднаш до влезните врати. Истовремено е насликан и Страшниот суд на јужната фасада од црквата. Од некогашниот иконостас е сочувано едното крило на царските двери, кои по квалитетот на уметничката изработка се вбројуваат во најубавите дела на охридскиот иконопис од средината на ⅩⅤⅠ век. За оваа црква во 1864 г. зографот Дичо насликува неколку икони. ЛИТ.: Гојко Суботи¢, Свети Константин и Јелена у Охриду, Београд, 1971, 35–43; Војислав Ј. ™ури¢, Византијске фреске у Југославији, Београд, 1974, 74; Цветан Грозданов, Охридското ѕидно сликарство од ⅩⅣ век, Охрид, 1980, 145–247. С. Ц.