САНДАНСКИ, Јане

САНДАНСКИ, Јане (с. Влахи, Мелничко, 31. И 1872 – м. Пирин Пл., Мелничко, 22. Ⅳ 1915) – истакнат револуционер, војвода и раководител на ТМОРО – ВМОРО. Завршил Ⅱ клас прогимназија во Дупница, Бугарија, и се самообразовал. Како младинец бил активен меѓу македонската емиграција во Дупница. Во 1895 и 1897 год. бил учесник во четничкото движење организирано од ВМК. Во 1899 год. се запознал со Гоце Делчев и со Ѓорче Петров и преминал во ТМОРО. Во 1901 год. од Делчев бил испратен за војвода во пограничните региони на Серски-Јане Сандански от округ за заштита на организационата територија од навлегување на врховистите. Бил главен организатор на пленувањето на мис Елен Стон. Се противел на решенијата на Солунскиот конгрес (1903) за востание. По започнувањето на востанието го подготвил и го извел Крстовденското востание во Серскиот револуционерен округ. Учествувал на Рилскиот конгрес (1905) и на окружните конгреси во Серскиот округ. По негово застапување била донесена осуда и извршена ликвидацијата над Иван Гарванов и на Борис Сарафов (1907). Соработувал со младотурците (1908) и учествувал во Младотурскиот поход на Цариград при детронирањето на султанот Абдул Хамид Ⅱ (1909). Бил истакнат претставник на Народната федеративна партија, со чие раководство подоцна дошол во судир. Учествувал во Првата балканска војна, го ослободил Мелник и како претходница на Бугарската армија дејствувал при заземањето на Рупелската Теснина. Со својата придружба влегол во Солун (1912), каде што дошол во судир со бугарските офицери поради своите ставови за автономна и независна Македонија. Бил убиен од заседа од своите идејни противници (Т. Александров) на Пирин Планина. Бил голем противник на врховизмот и на бугарската завојувачка политика кон Македонија. Неговото дело го продолжиле неговите следбеници- санданистите. ИЗВ.: Спомени на И.Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Ј. Сандански, М. Герџиков, д-р Х. Татарчев, стручна редакција д-р Иван Катарџиев, Скопје, 1995. ЛИТ.: Мерсия Макдермот, За свобода и сÍвÍрÈенство. Биография на Âне Сандански, София, 1978; М. Пандевски, Јане Сандански 1872–1915, Библиографски прилози, Скопје, 1985. В. Ѓ. Воислав Санев