РАЗВОЈНИТЕ ПРОБЛЕМИ НА ИНДУСТРИЈАТА ВО УСЛОВИ НА ТРАНЗИЦИЈА

РАЗВОЈНИТЕ ПРОБЛЕМИ НА ИНДУСТРИЈАТА ВО УСЛОВИ НА ТРАНЗИЦИЈА – проблеми со кои се среќава индустријата во Македонија во услови на трансформација на економскиот систем, т.е. распаѓање на претходниот (самоуправен) и изградба на нов (пазарен) економски систем, како и во услови на изградба на самостојна држава. Од мноштвото проблеми се издвојуваат неколку позначајни. 1) Наследената неповолна структура: во досегашниот период, во македонската индустрија доминираа традиционалните гранки (оддели) кои, како трудоинтензивни, вработуваа поголем број работници, но се одликуваа со пониска продуктивност; исто така, во структурата на индустријата високо беше учеството на суровинските гранки, кои произведуваа суровини и полупроизводи со ниски фази на обработка на производите; како особено неповолен е фактот што беа изградени капацитети без соодветна домашна суровинска база, т.е. суровински и енергетски зависни од увоз (на пр., текстилната и хемиската индустрија, но делумно и црната и обоената металургија); суровинските капацитети беа големи потрошувачи на енергија по единица производ (металуршките капацитети), што значајно ги зголемуваше производствените трошоци и создаваше сериозни проблеми во енергетскиот биланс; ваквата структура беше резултат на развојот на индустријата по Втората светска војна, с“ до почетокот на транзицијата, во согласност со концептот за индустриски развој и разместување на индустријата на ниво на поранешна Југославија. 2) Техничкотехнолошкото заостанување и нискиот степен на модернизација: поради драстичното намалување на инвестициите, се загуби чекорот во технолошката модернизација, па многу од капацитетите станаа застарени, а во текот на 1990-тите години поголемиот дел од индустриските капацитети, чекајќи на приватизацијата, сосема го замреа развојот и производството. 3) Ниската продуктивност и превработеноста сами по себе претставуваат проблеми: техничко-технолошкото заостанување е основната причина за ниската продуктивност, но таа резултираше и од „социјалистичкиот“ модел на вработување и наградување, кога поголем број вработени од објективно потребните рефлектираа за едно исто работно место. 4) Посебен проблем претставува недоволното користење на капацитетите и слабата извозна ориентираност: во рамките на поранешната државна заедница (Југославија), македонската индустрија беше ориентирана, пред с“, кон пазарите на југословенските републики и кон пазарите на другите социјалистички земји; овие пазари не беа многу пребирливи и толерираа понизок квалитет и асортиман на производите. 5) Неповолните надворешно-економски и политички услови (економските и политичките блокади кон средината на 1990-тите, воените состојби во поранешна Југославија, како и безбедносната криза од 2001 г.) предизвикаа сериозни тешкотии за македонската индустрија и се нарушија нормалните економски и сообраќајни врски со традиционалните партнери и пазари. 6) Процесот на преструктурирање сам по себе претставува тешкотија за индустријата: сопственичката трансформација, надополнета со организационата, техничката и производната трансформација, донесоа дополнителна неизвесност за самата индустрија; тие резултираа во почетна стагнација и опаѓање на индустриското производство, а со тоа и намалување на ангажираната работна сила. ЛИТ.: Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија – Развој и модернизација, МАНУ, Скопје, 1997; Влада на Република Македонија, Македонија 2003 – Рамковна програма за економски развој и реформи, Скопје, 2000. Т. Ф.