ПРОЧКА

ПРОЧКА (Проштен, Велики поклади) – еден од најголемите христијански православни празници, веднаш по Божик и Велигден. Секогаш е седум недели пред Велигден и со неа започнуваат долгите Велигденски или Велики пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за дочек на Христово воскресение – Велигден, за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос. Тогаш се врши проштавањето, поради што и празникот го добил името. Се врши амкањето со варени јајца, се палат обредни огнови, се подготвува богата трпеза, се гата за живот и среќа, се изведуваат обичаите за очистување од болви, вошки и други штетници. Проштавањето секако има христијанска основа, додека другите обичаи се поврзани со претхристијанските пролетни празнувања. ЛИТ.: Милан Ристески, Македонски обреди и обредни песни, Скопје, 1985; Јозеф Обремски, Фолклорни и етнографски материјали од Порече, кн. прва, редакција Танас Вражиновски, Скопје, 2001; Зорка Делиниколова, Обичаи сврзани со поедини празници и неделни дни во Радовиш, „Гласник на Етнолошки музеј“, 1, Скопје, 1960. М. Кит. Тома Прошев