ПРИВАТНАТА СОПСТВЕНОСТ ВО ДФМ/НРМ/СРМ/РМ

ПРИВАТНАТА СОПСТВЕНОСТ ВО ДФМ/НРМ/СРМ/РМ – право на секој граѓанин слободно да располага со имотот или да има полна власт врз стварите (плена ин ре потестас). Ова право се гарантира во Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од 1944 г., заедно со правото на приватна иницијатива во стопанскиот живот. Ист однос спрема приватната сопственост има и Уставот на НРМ од 1946 г., утврдувајќи го имотот на приватните физички и правни лица за основа на општествено-економското уредување на НРМ, заедно со општонародниот имот и задружната сопственост. Уставите на СРМ од 1963 и од 1974 г. го гарантираат правото на личен труд со средства во сопственост на граѓаните во занаетчиството, угостителството и услужните дејности, како и во областа на уметноста, културата, адвокатурата и во други професионални дејности, вклучувајќи го и правото на стан и на земјоделско земјиште од 10 ха. Уставот на Република Македонијаод 1991 г. го гарантира правото на приватната сопственост без ограничувања, заедно со слободата на пазарот и претприемништвото. Никому не може да му се одземат или да му се ограничат сопственоста и правата што произлегуваат од приватната сопственост, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира праведен надомест што не може да биде понизок од пазарната вредност. Законот за сопственост и други стварни права од 2001 г. подробно ги уредува содржината, правното дејство, ограничувањата и предметот на правото на сопственост. ИЗВ.: Закон за сопственост и други стварни права, „Службен весник“, бр. 18/2001, Скопје, 2001. ЛИТ.: Светомир шкариќ, Уставно право на СФРЈ, Прва книга, Скопје, 1986. Св. ш.