ПОЛЕНАКОВИЌ, Билјана Ставрева (Охрид, 10. Ⅱ 1944) – лекар биохемичар, редовен проф. на Мед. ф. во Скопје (од 1999). Дипломирала на Мед. ф. (1969). Специјалист по клиничка биохемија (од 1976), докторирала (1987) од подрачје на криоглобулините. Се усовршувала во САД, Англија, Холандија и Унгарија. Држела додипломска и постдипломска настава на Мед. ф., на Фарм. ф. и на Ст. ф. Научноистражувачки интерес во подрачјето на имунохемијата и серумските туморски маркери. Публикувала над 140 труда и учествувала во 7 научни проекти. Директор на Институтот за клиничка биохемија (1991–2002). Придонела за стандардизација на биохемиските методи и лабораториската опрема во РМ. Во 1998 г. добила признание за воведување серумски тумор маркери (во Измир на Ⅱ балкански конгрес на онколозите). ИЗВ.: Билтен на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, бр. 745. БИБ.: Клиничка биохемија, во: Современа дијагностика и терапија во медицината, прирачник за лекари, Скопје, 2000. М. Пол. Момир Поленаковиќ