ПИЛАНА

ПИЛАНА – производствен капацитет што се состои од склад за трупци, пиланска зграда со споредни простории и склад за бичена граѓа. Во пиланата се врши промена на формата и на димензиите на основната дрвна суровина (пилански трупци) по механички пат, со примена на техника на бичење (разделување, режење). Промената на формата и на димензиите на пиланските трупци се извршува во технолошки процес при кој се користат примарни и секундарни пилански работни машини. Првата група машини ја сочинуваат: гатерите и лентовидните пили, а во втората група влегуваат главно кружни, а поретко лентовидни пили. Крајниот производ се пиланските сортименти (бичена граѓа). Нивното производство може да биде стандардно или наменско. Во современите пилани технолошкиот процес е наполно автоматизиран и механизиран. Б. Ил. Алберт Пилат