ПЕТРУШЕВСКИ, Михаил Д

ПЕТРУШЕВСКИ, Михаил Д. (Битола, 2. Ⅶ 1911 – Скопје, 27. Ⅱ 1990) – класичен филолог, унив. проф., ректор на Скопскиот универзитет, академик. Основно училиште и гимназија завршил во Битола. Филозофски факултет, група за класична филологија (1931–1935) во Белград. Во 1935 како аматер открива вредни артефакти во Хераклеја крај Битола и ја заинтересирал јавноста за овој богат археолошки локалитет. Во 1936 г. назначен за наставник по лат. ј. во Битолската гимназија, во 1938 избран за асистент на Семинарот за класична филологија во Белград, а во 1940 г. ја одбранил својата докторска дисертација „Божанства и демони црне боје код старих народа“. Во почетокот на 1941 г. избран за доцент на Филозофскиот факултет во Скопје, но поради војната не стапил на должност. Останал во Белград како асистент до март 1946 г., кога бил повлечен од Министерството за просвета на НРМ за член на Комисијата за организирање на Универзитетот во Скопје. Во ноември 1946 г. е избран за вонреден професор и прв декан на новооснованиот Филозофски факултет во Скопје во два мандата (1946– 1949), во 1956 за редовен професор и ректор на Скопскиот универзитет (1956–1958), а во 1967 за редовен член на МАНУ. Од 1946 г. посветува големо внимание за организирање на Семинарот, од 1956 на Катедрата за класична филологија, чиј шеф бил од 1946–1967 г., а го организирал и Семинарот за историја на стариот век со археологија. По негова иницијатива (1950) е основано сп. „Жива антика“, кое од југословенско, во 1957/8 г. прераснува во меѓународно списание. УШТЕ како студент М. Д. П. пројавил склоност кон научна работа. Се зафаќа со најтешки проблеми од класичната филологија, како дефиницијата на трагедијата од Аристотел, прогласена од Гудеман за нерешлив проблем. Признато му е дека при нивното решавање покажува голема смелост, инвентивност и оригиналност. Со минуциозна анализа на текстот од целата Поетика на Аристотел покажа дека т.н. „трагична катарса“ е всушност фикција, настаната поради погрешно дополнување на оштетеното место од текстот во 6 гл. и погрешно поврзување со „музичката катарса“ (8 кн. гл. 7 од Аристот. Политика). Во Поетиката М. Д. П. има направено преку 50 емендации, но најважната му е во гл. 6 за дефиницијата на трагедијата, каде што зборовите патхематон катхарсин ги замени со прагматон сѕстасин. Веднаш по дешифрирањето на линеарното Бе писмо активно се вклучува во интерпретација на микенските натписи и со своите соработници во Скопје организира Микенолошки центар. Најголем интерес пројавува кон проблемите од областа на лингвистиката и историјата на грчкиот јазик. ЛИТ.: П. Хр. Илиевски, Михаил Д. Петрушевски, „ЖА“, 21, 1, 1971, 5&17; Од научната дејност на акад. М. Д. Петрушевски, „ЖА“, 31, 1&2, 1981, 7&28; За античката просодија во македонски препев, Матица македонска, Ск. 1997; М. Д. Петрушевски и списанието „Жива антика“ (по повод 80-годишнината од раѓањето и годишнината од смртта, „Прилози“, МАНУ, ООН, 1992, 23/1, 45&62; В. Митевски, Акад. Михаил Д. Петрушевски, „ЖА“, 40, 1990, 17&19. П. Хр. Ил.