ПЕДАГОШКИ ЗАВОД НА МАКЕДОНИЈА

ПЕДАГОШКИ ЗАВОД НА МАКЕДОНИЈА – стручно-педагошка установа, формирана со решение на Извршниот совет на НРМ (11. Ⅷ 1955) како Завод за унапредување и проучување на школството, за вршење на просветнопедагошка служба под раководство и надзор на Советот за просвета на НРМ. Во 1960 г. е донесен првиот закон со кој се уредуваат односите и дејноста, познат како Закон за просветно-педагошката служба во НР Македонија. Позначајни промени просветно-педагошката служба доживува по донесувањето на Законот за организирање дејност за унапредување на образованието и воспитанието, кога дотогашните заводи за школство (Републички, општински и регионални) од органи на управата се трансформираат во заводи за унапредување на образованието и воспитанието во предучилишното, во основното и во средното образование и воспитание. Со Законот за органи на управата (28. Ⅸ 1990), педагошката служба поминува во состав на Министерството за образование и физичка култура, така што се формира Педагошки завод на Македонија како единствена институција на дотогашните заводи. Престана да постои со основањето на (в.) Бирото за развој на образованието (2000). ЛИТ.: „Сл. весник на НРМ“, 16/1960; „Сл. весник на СРМ“, 17/1974; 40 години Педагошки завод на Македонија, Скопје, 1996. К. Камб.