ПАЈАК

ПАЈАК – средновисока планина во Егејскиот дел на Македонија, Грција. Се наоѓа помеѓу долината на Вардар на исток, Мегленската Котлина на запад, Солунската Кампања на југ, а на север се надоврзува на планината Кожуф. Во морфолошки поглед се издвојуваат три делови: Гандач на исток и Пајак на запад, кои претставуваат две главни паралелни била – коси, кои меѓу себе се издвоени со длабоката долина на Грамошка Река. На Гандач највисок е истоимениот врв (1.606 м), а на Пајак највисок врв е Матерси (1.506 м). Северниот дел на Пајак Планина во споредба со претходните е значително понизок и во него е развиена изворската челенка на Грамошка Река. Поголема населба е градот Гуменџе. Главно е населена со Македонци и Власи. Т. Анд.