ПАЗАРОТ НА КАПИТАЛ ВО РМ

ПАЗАРОТ НА КАПИТАЛ ВО РМ – финансиските пазари и институции што вршат мобилизација на финансиското штедење и негова алокација во долгорочни производни инвестиции. Тука, пред с¢, се мисли на пазарот на банкарски кредити и на пазарот на долгорочни хартии од вредност. Во почетните години од транзицијата во РМ, изразито предоминантно беше краткорочното банкарско кредитирање, што не нуди финансиска поддршка на долгорочни производни инвестиции. Но, 2006 г., долгорочните кредити веќе надминаа половина од вкупните бруто-кредити, достигнувајќи учество од 59%. Покрај долгорочноста на кредитите, важна е и цената по која фирмите и домаќинствата можат да обезбедат банкарски кредити. Цената на банкарското кредитирање се изразува преку висината на каматните стапки на заемите и преку каматниот распон, кој претставува разлика помеѓу каматните стапки на кредитите и каматните стапки на депозитите. Во периодот на транзицијата, во РМ каматните стапки на кредитите се одржуваа на високо ниво, што ги правеше кредитите скапи за фирмите. На пример, просечната каматна стапка на краткорочните кредити, 1998 г., изнесуваше 21,05%, 2002 г. 17,71%, а 2004 г. 12,5%; просечната каматна стапка за кредити од сите рочности 2006 г. се спушти до 10,9%. Исто така, и каматниот распон се одржуваше на релативно високо ниво, што укажува на мала по обем и скапа интермедијација на финансиските заштеди од секторот на домаќинствата кон секторот на фирмите. На пример, 1998 г., краткорочниот каматен распон изнесуваше високи 8,6 процентни поени, 2002 г. 8,5 процентни поени, а 2004 г. 6,0 процентни поени; каматниот распон за сите рочности, 2006 г., изнесуваше 6,5 процентни поени. Сево ова доведе до ситуација кога износот на бруто-кредитите во РМ, 2006 г., претставува само 29,6% од БДП, додека истиот показател за ЕУ изнесува 125,9%. Како фактори што ги одржуваа каматните стапки на кредитите на високо ниво, во РМ можат да се наведат: товарот на нефункционалните заеми, недоволната конкуренција во банкарскиот сектор и недоволната оперативна ефикасност на банките. Тука, како макроекономски фактор, треба да се додаде и рестриктивниот карактер на монетарната политика во голем дел од транзициониот период. Пазарот на долгорочни хартии од вредност (ХВ) се состои од два основни сегмента: примарен пазар, кој ги опфаќа новите емисии на ХВ; и секундарен пазар, на кој се врши тргување со претходно издадени ХВ. Основна карактеристика на примарниот пазар во РМ е предоминацијата на т.н. емисии за познати купувачи, односно приватни пласмани; од друга страна, има скоро комплетно отсуство на класични иницијални јавни понуди (Инитиал Публиц Офферс), кај кои една инвестициона банка би била посредник и евентуално прифаќач на ризикот околу пласманот на емисијата на ХВ. Во периодот 2000–2006 г., Комисијата за хартии од вредност на РМ има одобрено вкупно 156 нови емисии на ХВ, во вкупна вредност од 33.945 милиони денари (во овој вкупен износ, емисијата на акции при приватизацијата на ЕСМ, 2005 г., учествува со дури 24,6%). Друга карактеристика на примарниот пазар е сосем минорното учество на корпоративните обврзници, така што комплетно доминираат емисиите на акции. Секундарниот пазар на долгорочни ХВ во РМ е олицетворен во Македонската берза за хартии од вредност АД Скопје. Но, со почетокот на издавање на т.н. континуирани државни обврзници, во РМ се воспостави и т.н. пазар преку шалтер, кој е организиран од Народната банка на РМ, а го сочинуваат финансиските институции кои можат директно да тргуваат со државните обврзници, без посредство на берзата. Инаку, секундарниот берзански пазар на ХВ во РМ во 2005 г. има пазарна капитализација (пазарна вредност на котираните ХВ) од околу 11,4% од БДП, додека волуменот на берзанското тргување (т.е. прометот) достигнува околу 18,3% од БДП (според податоците во Извештајот за транзицијата на ЕБОР од 2006 г.). На крајот од 2006 г., на официјалниот пазар на МБХВ, котираа акциите на 43 компании, со пазарна капитализација од 86,5 милијарди денари и 7 емисии на државни обврзници (една емисија за старите девизни заштеди и 6 емисии за денационализација), со пазарна капитализација од 22,4 милијарди денари. Во структурата на вкупното тргување на берзанскиот пазар во текот на 2006 г., околу 72,7% беше тргување со акции на акционерските друштва, околу 7,2% беше тргување со државните обврзници, а остатокот од околу 20,1% беа трансакции поврзани со продажбата на акциите што државата ги имаше во поголем број акционерски друштва како неприватизирани удели. Од скромните почетоци направени во 1996 г., со остварен промет од само 670 илјади евра, македонскиот секундарен пазар на ХВ доживува постепен раст на трговската активност, така што во рекордната 2006 г. остварува промет од 176,9 милиони евра. Напоредно со тоа се развиваа и самите институции на пазарот на ХВ: Комисијата за ХВ на РМ, Македонската берза за ХВ АД Скопје и Централниот депозитар на ХВ АД Скопје. Идниот развој на македонскиот пазар на ХВ ќе зависи од порастот на потребите за долгорочно финансирање на претпријатијата и од меѓународното поврзување на македонскиот пазар и неговото интегрирање во меѓународниот пазар на капитал. ЛИТ.: ЕБРД, Транситион Репорт 2006: Финанце ин Транситион, Скопје, 2006; Комисија за хартии од вредност на Република Македонија, Извештај за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во 2006 година, Скопје, 2007; Комисија за хартии од вредност на Република Македонија, Пазарот на хартии од вредност во Република Македонија: денес и утре, Скопје, 2006; Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје, 10 години Македонска берза, Скопје, 2006; НБРМ, Извештај за банкарскиот систем и банкарската супервизија на Република Македонија во 2006 година, Скопје, 2007; НБРМ, Годишен извештај 2005, Скопје, 2006; В. Филиповски, Финансискиот сектор и економскиот развој во Република Македонија, Отворени предизвици на Македонската економија, МАНУ, Скопје, 2004, 357-379; В. Филиповски, Пазарот на капитал и развојот на финансискиот сектор во процесот на економска транзиција, докторска дисертација, Скопје, 2002; //њњњ.мсе.орг.мк//, Годишен билтен на Македонската берза за хартии од вредност 2006. В. Ф.