ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА

ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА – економски систем во кој разрешувањето на централниот економски проблем (што да се произведува, како да се произведува и за кого да се произведува), т.е. разместувањето на постојните ресурси во економијата, се врши преку пазарниот механизам. Процесот на воспоставувањето на пазарната економија во РМ поинтензивно започна со отворањето на транзицијата во раните деведесетти години на минатиот век. Основна цел и задача на секоја земја во транзиција, а во тој контекст и на РМ е етаблирањето на функционирачка пазарна економија. Оваа, според критериумите на Европската комисија, претпоставува: воспоставување рамнотежа помеѓу побарувачката и понудата низ слободната игра на пазарните законитости, либерализација на цените и на надворешнотрговската размена, елиминирање на бариерите за влез и излез на фирмите на пазарот, ефикасна заштита на сопственичките права и ефикасно извршување на договорите, постигнување на макроекономска стабилност и развиен финансиски систем. Македонија во транзициониот период постигна значајни резултати во поголемиот дел од наведените сфери, што се потврдува и со индикаторите на Европската банка за обнова и развој за следење на прогресот на транзицијата (в. транзиција на македонската економија). Најзначајните проблеми на патот на воспоставувањето на функционирачката пазарна економија се лоцирани во доменот на квалитетот и кредибилитетот на институциите, посебно на судскиот систем, а нецелосни резултати се постигнати во развојот на финансискиот систем (асиметрија помеѓу реформите и развојот на банкарскиот систем и небанкарските финансиски институции) и во воспоставувањето на целосна макроекономска стабилност (в. макроекономска стабилност). ИЗВ.: В. Кандикјан, Економика на асоцирањето на Република Македонија во ЕУ, Отворени предизвици на македонската економија, МАНУ, Скопје, 2004, 259–284. ЛИТ.: МАНУ, Отворени предизвици на македонската економија, Скопје, 2004; ЕБРД, Транситион репорт 2005. Т. Ф.