ОРА-КОПА

ОРА-КОПА – календарски обичај со обредни огнови поврзани со празникот Прочка. Најзастапен бил во Источна Македонија, како Мала ора-копа и Голема ора-копа. Малата ора-копа ја изведувале децата една недела пред Прочка, Големата ора-копа се правела на самиот ден Прочка и во нејзиното изведување, покрај децата, се вклучувале и возрасните. Подготовките за обичајот започнувале неколку денови или неколку недели порано, кога се собирале материјали за огнот. Тоа е и еден вид натпревар меѓу децата од повеќе маала која група ќе направи поголем оган и ќе гори подолго. Обичај било децата по трипати да го прескокнуваат огнот. Големата ора-копа била многу поголема од Малата ора-копа што ја правеле децата. Додека горел огнот и од Малата ора-копа и од Големата ора-копа, децата пееле соодветни песни. За разлика од Малата ора-копа, што ја прескокнувале само децата, Големата ора-копа ја прескокнувале и возрасните. ЛИТ.: Зорка Деликолова, Обичаи сврзани со поедини празници и неделни дни во Радовиш, „Гласник на Етнолошки музеј“, 1, Скопје, 1960.149. М. Кит.