НИЏЕ

НИЏЕ – висока планина во РМ што се наоѓа во јужниот дел, а преку чиј срт води границата со соседна Грција. Се протега во правец си–јз, со највисок врв Кајмакчалан (2.520 м), но се истакнува и врвот Ниџе (2.361 м). Површината на Ниџе на наша територија изнесува 689 км². На север, од Селечка Планина е одвоена со Скочивирската Клисура на Црна Река, на запад е ограничена со Пелагониската Котлина, на југ во Егејскиот дел на Македонија со Островската (Еродејската) Котлина, а на исток морфолошки се надоврзува на планината Козјак. Во геолошкиот состав доминираат прекамбриските шкрилци, што овозможува да се развијат флувиоденудационите процеси и облици. Ниџе е една од најбогатите планини со шуми во РМ. шумскиот појас е претставен со даб, бука и иглолисни шуми. Карактеристично е што од подножјето до највисоките делови се јавуваат сите флористички типови што се среќаваат од Средоземјето до Северна Европа. ЛИТ.: А. Стојмилов, Физичка географија на Р Македонија, ПМФ, Скопје, 2003. Т. Анд.