НЕТКОВ, Кочо

НЕТКОВ, Кочо (Скопје, 19. Ⅳ 1924 – Скопје, 18. Ⅹ 2004) – режисер, сценарист и снимател. По периодот кога му беа поблиски жанровските форми на хрониката или журналот, уследи фазата на полна творечка зрелост, забележана по драматичните документарни сведоштва во филмовите „По трагите на катастрофата во Маврово“ или „Скопје, 26. Ⅶ 1963“. Во богатиот опус од 130 наслови ќе се најдат и елегични теми што нè воведуваат во светот на уметноста. „Охридските трубадури“ или „Вива ла музика“ се вистинска ода на љубовта кон музиката. Не е помалку инспиративна ни потрагата по мотиви од минатото. Носталгичните реминисценции на летописот „Во стариот крај“, евоцирањата на славните страници од историјата во документарецот „Илинден“, филмските есеи „Средовековни фрески во Македонија“ се своевиден пандан на ведрите репортажи со спортски содржини како „Кајак, ‘75“. Г. В.