НЕГУШКО ВОСТАНИЕ

НЕГУШКО ВОСТАНИЕ (февруари – април 1822) – месно востание во околината на Негуш, под влијание на Грчкото востание. Во него зеле учество локалните Македонци, Грци и Власи. На чело на востанието биле Л. Зафиракис, Анастас Караташо Постариот, Ангел Гацо, Дијамандис и др. Зафиракис бил политички, а Караташо постариот воен водач. Востанието започнало со напад на османлискиот гарнизон во Негуш, кој бил уништен, а градот бил ослободен. Карта на Негушкото востание Востаниците формирале и Воен штаб. Заземањето на Негуш придонесло на востаниците да им се придружи населението од Држилово, Лозица, Граматиково, Катраница и др. населени места. Востанието се ширело и кон Воден и Костур, зафатило и многу села по р. Бистрица. Бројот на востаниците се зголемувал. Османлиските власти стравувале од напад врз Солун. Против востаниците била испратена редовна војска под команда на Лабуд-паша. Востанието било задушено, а дел од востаниците успеале да избегаат на југ и да им се придружат на грчките востаници. ЛИТ.: Александар Матковски, Отпорот во Македонија, Ⅳ, Скопје, 1983; Ванче Стојчев, Воена историја на Македонија, Скопје, 2000. Д. Јов.