НАЗИМ, Сајбе (Сахиба) Хусеин (Штип, 1895 – Скопје, 7. ⅩⅠⅠ 1971) – заднински активист на НОАВМ. Во својот дом во Штип прибирала илегалци и го отстапувала за партиски состаноци. Кај неа илегално живееле народните херои Ванчо Прке и Боро Петрушевски и првоборците Ружа Бак и Благој Давков (1941), како и народните херои Љупчо Арсов, Благој Јанков-Мучето, Вера Ацева и други членови на Обласниот комитет на КПМ во Штип (во 1942), како и поетот Ацо шопов (1943). Токму од нејзината куќа излегле и група за во партизани (мај 1943), а тука била сместена и партиската техника, на која бил печатен илегалниот в. „Народен глас“, орган на Обласниот комитет на КПМ во Штип. Нејзиниот дом во с. Џумајлија, Штипско, пак, служел за одржување на врската помеѓу МК на КПМ во Штип и Третата македонска НОУ бригада. Била избрана за член на Обласниот НОО на АФЖ во Штип (почетокот на ноември 1944). Носител е на Партизанска споменица 1941. ЛИТ.: Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во Народноослободителната војна и Револуцијата 1941–1945, Скопје, 1976, 814, 832 и 1161. Штип и Штипско во Народноослободителната војна 1941–1945. Прилози од научниот собир одржан на 17, 18 и 19 мај 1990 во Штип, книга 2, Штип, 2000, 420, 437–439, 443, 451, 453 и 466. С. Мл.