МУШЕВИЧ, Марко Атанасов (Крушево, ок. полов. на ⅩⅠⅩ в. – Прилеп, по 1920) – македонски културно-национален деец, иконописец и собирач на народни песни. По завршувањето на основното училиште во родното место, по ослободувањето на Бугарија работи како молер и иконописец во Софија. Патува во Солун, Белград и Букурешт, разговара со дипломати и државници, предлага програми за културно издигнување и политичко ослободување на македонскиот народ, а во С.-Петербург има аудиенција кај императорот Александар Ⅲ (9. И 1885), на кого му подарува стари монети собрани во Македонија, а од името на макед. народ поднесува молба во Министерството за надв. работи („Тешката положба на Македонија под турското ропство“, „Св‹тÍ“, 5. Ⅶ 1885). Близок до Македонскиот комитет во Софија (1887), поднесува национална програма за Македонија до српскиот министер за надв. работи во Белград (18. Ⅸ 1889). Одново патува во С.-Петербург за да му поднесе петиција на рускиот император Николај Ⅱ, потпишана од 91 македонски емигранти и печалбари во Србија (7. Ⅱ 1902). По двомесечниот престој во Воскресенскиот мисионерски манастир, се враќа во Македонија и со собраните Македонци околу Македонскиот клуб во Белград и в. „Балкански гласник“ планира да обнови еден манастир во Битолско „што би можел да стане центар за Македонија“ со замисла да се издава македонски весник во Солун, но и во Русија (август 1902). Во Битолскиот вилает во 1908 г. по иницијатива на М. пак се покренува прашањето за воведување на макед. јазик во училиштата. Тој одново оди во Русија и заедно со Наце Димов (Чуповски) на 13. Ⅴ 1910 г. поднесуваат нов меморандум до Светиот синод на Руската православна црква со барање помош за обновување на Житошкиот манастир „Св. Атанасија“ и за отворање македонско училиште во него. По посетата на Д. Чуповски во Крушево, живописецот Марко, од името на верниците од истиот манастир, поднесува молба до Светиот синод на РПЦ за помош за отворање македонско училиште со пансион во манастирот (15. Х 1911). Балканските војни ја оневозможуваат иницијативата и Марко привремено се повлекува на Света Гора и во Житошкиот манастир, а потоа се оженува и живее во Крушево и како молер и живописец го завршува животот во Прилеп. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Сознајби за јазикот, литературата и нацијата, МАНУ, 2001, 471-484. Бл. Р.