МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА НА РМ

МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА НА РМ – инструмент на економската политика во надлежност на централната банка, која преку контрола на понудата на пари влијае врз агрегатната побарувачка. Притоа, на кус рок, промените на паричната маса можат да имаат силно влијание врз агрегатната побарувачка и да предизвикаат значајни ефекти врз реалните варијабли (инвестициите, потрошувачката, производството, вработеноста). На долг рок, монетарната политика влијае само врз номиналните варијабли, т.е. монетарната политика не може да влијае врз стопанската активност – поставката за неутралност на парите. Иако, во принцип, монетарната политика ја поддржува глобалната економска политика, сепак, во современи услови, стабилноста на цените се наметнува како примарна цел на монетарната политика. Притоа, заради остварување на крајната цел, централната банка може да применува различни стратегии на монетарната политика. Од април 1992 г. до октомври 1995 г. НБРМ ја применуваше стратегијата на монетарно таргетирање, при што како интермедијарна цел на монетарната политика служеше паричната маса дефинирана во потесна смисла на зборот – монетарниот агрегат М1. Оваа монетарна стратегија е избрана како најсоодветна поради повеќе причини, и тоа: отсуство на развиени инструменти на монетарно регулирање, неразвиени финансиски пазари, висока корелација меѓу агрегатната побарувачка и паричната маса, ниско ниво на девизни резерви итн. Од институционален аспект, во овој период постои поделба на одговорноста за монетарната политика меѓу Собранието, кое ги формулира целите и задачите на монетарната политика и на централната банка, која е надлежна за спроведување на зацртаната монетарна политика. Поради нестабилноста на побарувачката на пари, во октомври 1995 г. НБРМ ја напушти стратегијата на монетарно таргетирање и премина кон таргетирање на девизниот курс. Во рамките на оваа стратегија, одржувањето на девизниот курс на денарот наспрема германската марка (подоцна, еврото) претставува интермедијарен таргет на монетарната политика. Истовремено, ценовната стабилност експлицитно се утврдува како основна цел на монетарната политика, при што формулирањето на целите и задачите на монетарната политика и политиката на девизниот курс преоѓаат во надлежност на НБРМ. Во однос на инструментите на монетарната политика, непосредно по монетарното осамостојување, централната банка преземаше мерки за реформа на застарениот монетарен инструментариум. Така, во мај 1993 г. НБРМ го почна процесот на постепено напуштање на селективните кредити од примарната емисија, т.е. кредитите што централната банка им ги одобрува на комерцијалните банки за рефинансирање на нивните кредити одобрени за поддршка на земјоделството и на други приоритетни сектори. До почетокот на 1994 г., како инструменти на монетарната политика, НБРМ ги применуваше уште и минималната ликвидност и задолжителните благајнички записи. Исто така, непосредно по монетарното осамостојување, централно место во каматната политика на централната банка имаше есконтната стапка, која се користеше како основа за формирање на сите други каматни стапки на НБРМ. Во овој период НБРМ ја користеше задолжителната резерва на банките како еден вид гарантен фонд за исплата на штедните влогови и на тековните сметки на граѓаните, а почнувајќи од мај 1993 г. таа се применува како инструмент за монетарно регулирање. Во јануари 1994 г. НБРМ го воведе ограничувањето на денарските пласмани на банките како директен монетарен инструмент. Сепак, почнувајќи од 1993 г., НБРМ постепено воведува индиректни инструменти на монетарно регулирање од типот на операции на отворен пазар. Така, во ноември 1993 г. се воведени аукциите на депозити, кои потоа се заменети со аукции на кредити. Во февруари 1994 г. се воведоа аукции на благајнички записи, кои од 2000 г. станаа основен инструмент на монетарната политика во РМ. Во јули 2000 г. се воведени девизни своп операции, кои имаат мала примена и се напуштија во јуни 2005 г. Од јуни 2003 г. НБРМ воведе и обврска за издвојување задолжителна резерва во девизи. Монетарниот инструментариум на централната банка продолжи да се збогатува и во текот на 2005 –2006 г., кога се воведоа репо-операции, се промовираше секундарен пазар на државни записи и се воведоа државни записи за монетарни цели. Целта на овие инструменти е да се зголеми ефикасноста во управувањето со ликвидноста и да се подобри трансмисионот механизам на монетарната политика. ЛИТ.: Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006. Г. П.