МИХАИЛ КРАТОВСКИ (Кратово, крајот на ⅩⅤⅠ в. – Света Гора, 1669) – кратовско-Штипски митрополит, патешественик, летописец и културно-просветен деец, син на кратовскиот кнез Никола Боичик. Во 1647 г. се замонашил и го добил монашкото име Михаил. Во 1648/49 г. станал митрополит Бански, Кратовски и Штипски. Кон средината на ⅩⅤⅠⅠ в. заминал на Света Гора. Престојувал и во Русија (добил даровна грамота за Лесновскиот манастир и старопечатени богослужбени книги), во Молдова, Романија, Србија, Палестина и во Ерусалим. Оставил летописни белешки по ракописните книги. Негови мошти се чуваат во ќелијата „Св. Никола“ на Кареја. ЛИТ.: М. Георгиевски, Патописната и летописната литература во Македонија со посебен осврт за Арсениј Солунски од ⅩⅣ и Михаил Кратовски од ⅩⅤⅠⅠ век, Спектар, бр.13, Скопје, 1989, 37-46; И. Велев, Духовната и книжевната дејност на Михаил Кратовски согледани преку изворното градиво, „Балцанославица“, бр.3233, Прилеп, 2003, 169-179. И. Вел.