МИТРЕВСКИ, Трајан

МИТРЕВСКИ, Трајан . протојереј-ставрофор (с. Добрушево, Битолско, 7. Ⅴ 1913 – Скопје, 1991) – професор на Православниот богословски факултет во Скопје. Основно училиште завршил во родното место, Богословија учел во Битола (1936–1941), а завршил во Пловдив, Бугарија (1942). Дипломирал на Богословскиот факултет во Бел-град (1950). Ракоположен за свештеник во Битола (29. Ⅷ 1942), служел како парохиски свештеник. Бил главен воспитувач (1967), професор и ректор на Богословијата (1973–1977). При отворањето на Православниот богословски факултет во Скопје (1977) бил избран за вонреден професор во првата гарнитура професори на факултетот, а потоа и редовен професор. Тој е познат библист и апологет. ЛИТ.: 15 години Православен богословски факултет Скопје, Скопје, 1992; Ратомир Грозданоски, Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 2000; „Весник“, Службен лист на МПЦ. Рат. Гр.