МИЛЧИНСКИ, Јанез

МИЛЧИНСКИ, Јанез (Љубљана, 3. Ⅴ 1913 – ?, 28. Ⅶ 1993) – лекар, специјалист за судска медицина, деонтолог и правник, редовен проф. на Мед. ф. во Љубљана, Словенија (од 1957). Дипломирал на Правниот факултет во Љубљана (1936). Студирал медицина најпрвин во Љубљана, а потоа во Загреб, каде што и дипломирал (1940). Активен учесник е во НОБ. Се усовршувал во Белгија, Франција, швајцарија, Австрија и Германија. Од 1945 до 1983 г. бил директор на Институтот за судска медицина на Мед. ф. во Љубљана, а истовремено и раководител на Катедрата за судска медицина на Мед. ф., од 1954 до 1955 и од 1962 до 1964 г. бил декан на Мед. ф., проректор на Универзитетот (1970–1973), а потоа ректор (1973– 1976). Од 1970 до 1973 бил претседател на Меѓународната академија за судска и социјална медицина. Почесен докторат му е доделен во Љубљана (1979) и во Лајпциг (1987). Во 1961 г. е избран за дописен, а во 1970 за редовен член на САЗУ, од 1976 до 1992 г. бил претседател на САЗУ. За член надвор од работниот состав на МАНУ бил избран на 14. Ⅴ 1979 г. Стручниот и научниот придонес на Милчински е првенствено од областа на судската медицина (во идентификацијата на труповите при масовна катастрофа). Своите сознанија и искуствата на неговата екипа ги применил при масовни страдања на луѓето поради земјотреси (Скопје 1963, Сицилија 1968, Ел Аснам во Алжир 1980), при авионски несреќи (Брник 1966, Крк 1971, Маганик во Црна Гора 1974, Ајачио 1981), при железнички несреќи (Загреб 1974, Боровница 1976). За својата работа добил светски признанија. Во несреќите ги изучувал форензидните аспекти на сообраќајниците, дејството на алкохолот во сообраќајните несреќи, нивната превенција, оценката на телесните повреди и работоспособноста на повредените. Се занимавал со проблемите на медицинската етика и кривичната одговорност на здравствените работници во професионалната дејност, прашања од општата и специјалната деонтологија. Ги изучувал проблемите на судско-медицинските аспекти на итната помош и оживување на онесреќените. Од својата об-ласт публикувал 200 трудови и 4 книги. Бил матичар на новоформираниот Мед. ф. во Скопје (1947) и помогнал во развојот и работата на Катедрата по судска медицина на Мед. ф. во Скопје. Во 1977 г. бил избран за надворешен дописен член на ЈАЗУ, во 1978 на АНУ-БиХ и САНУ, а во 1985 на ЦАНУ. ИЗВ.: Билтен од Петто изборно собрание (реферати), МАНУ, Скопје, март 1979, 34–37; Енциклопедија Словеније, т. 7, Лјублјана, 1993, 142–143. БИБ.: Содна медицина, Лјублјана, 1956; Одговорност здравственега делавца пред вестјо, пред болником ин пред дружбо, „ЗВ“, 37, 1968, 401–403; Медицинско изведенство, И–Ⅱ, Лјублјана, 1970, 1981; Должност здравствених делавцев ин здравствених заводов гледе на прво помоч ин оживлјанје, „Здравстени обзорник“, 6, 1972, 65–73; Медицинска етика ин деонтологија, Лјублјана, 1982; Лета за пет других, Лјублјана, 1990. М. Пол. Деса Миљовска