МИЛЕТИЧ, Љубомир (Штип, 1. И 1863 – Софија, 1937) – истакнат бугарски филолог, основоположник на славистичката наука во Бугарија, еден од основачите на Софискиот универзитет „Климент Охридски“ и професор и титулар на Катедрата по словенска филологија (1892-1934), основач и прв претседател на Македонскиот научен институт во Софија, редовен член на Бугарската академија на науките (БАН) и долгогодишен нејзин претседател (1926-1937) и член на повеќе странски академии на науките. Син на Ѓорѓе Миле-тиќ, српски учител во Македонија и постар брат на водачот на војводинските Срби Светозар Миле-тиќ, а по мајка Штипјанец. Гимназија завршил во Загреб, каде што продолжил да студира славистички науки, продолжувајќи ги студиите во Прага (1882-1885). Докторирал во Загреб (1888). Автор на мошне богат научен опус од областа на јазикот и литературата со широк распон на интердисциплинарни љубопитства. Посебно го проучувал членот во бугарскиот и во македонскиот јазик (негова докторска дисертација, 1890), како и преминот од синтетизам кон аналитизам во бугарскиот јазик. Се занимавал и со дијалектологија. Се смета за еден од најдобрите познавачи на сложената македонска проблематика и важи за нејзин суптилен коментатор. Ја покренал едицијата „Спомени и материјали на ослободителното движење во Македонија и Одринско“ и објавил серија стенографирани записи од истакнати водачи на македонското ослободително движење (Даме Груев, Христо Татарчев, Ѓорче Петров, Славејко Арсов, Пандо Кљашев, Смиле Војданов, Лука Џеров, Борис Сарафов, Јане Сандански, Никола Пушкаров, Михаил Герџиков и др.). Г. Т.