МИКУЛЧИЌ, Иван Лука

МИКУЛЧИЌ, Иван Лука (Инѓија, Србија, 25. Ⅲ 1936) – археолог, унив. професор. Од 1958 г. работи во РМ – во Народниот музеј во Штип, Народниот музеј во Битола, а од 1963 г. во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје. Професор на Филозофскиот факултет во Скопје (на Институтот за историја на уметноста и археологија). Во 1969 г. го добива звањето доцент, потоа вонреден професор (1974) и редовен професор (1979). Се пензионирал во 2000 г. Активните теренски и кабинетски истражувања на археолошкото наследство на РМ и на Србија ги фокусирал главно на античкиот период, повремено навлегувајќи во теми од предисторијата и од средниот век. Предмет на неговите истражувања во рамките на докторската дисертација е Пелагонската Висорамнина. Докторирал (1965) на Филозофскиот факултет во Белград. Раководел заштитни и систематски истражувања на повеќе локалитети (кај с. Липково, Македонска Каменица, Караорман, Стоби, Скупи, КалеСкопје и Чрнче – Водно). Раководел повеќе научноистражувачки проекти поврзани со старите градови и тврдини во регионот на Пелагонија, Повардарје и во Скопско и собрал извонредно богата археолошка документација за локалитетите од раната и од доцната антика и од средновековјето. Реализирал студиски престои во Германскиот археолошки институт во Франкфурт, во Берлин и во други градови во Германија (1968, 1974, 1978), како и во Атина (Грција), каде што бил стипендист на грчката влада. Во 1978 г. ја добил престижната награда „Александар фон Хумболт“. Еден од најактивните членови на Македонското археолошко научно друштво. Учествувал на голем број научни собири и предавања во земјата и во странство. Во периодот од 1959 г. публикувал околу двесте труда, меѓу кои особено се истакнуваат неговите студии за Пелагонија, Скопје и околните тврдини, за античките и средновековните градови во Македонија, Стоби и др. БИБ.: Пелагонија у светлости археолошких налаза, Скопје, 1966; Старо Скопје со околните тврдини, Скопје, 1982; Средновековни градови и тврдини во Македонија, МАНУ, Скопје, 1996; Антички градови во Македонија, МАНУ, Скопје, 1999; Спатантике унд фрухбѕзантинисцхе Бефестигунген ин Нордмакедониен, Мунцхен, 2002. В. Л.