МИКРОБИОЛОГИЈА

МИКРОБИОЛОГИЈА – биолошка дисциплина што ја проучува биологијата на микроорганизмите. Во текот на изминатите педесетина години микробиологијата на Институтот за биологија бележи значаен подем. Во почетокот таа покажуваше скромен развој и се изучуваше во рамките на други ботанички дисциплини. Во раните седумдесетти години се издвојува како посебна наставна дисциплина, застапена со предметот општа микробиологија. Денес, Катедрата по микробиологија држи редовна додипломска настава по група предмети од микробиологија и биотехнологија. Објавени се 40 научни трудови и 42 научни излагања од собири во земјата и во странство. Лабораторијата раководела шест домашни и еден меѓународен научноистражувачки проект, еден развојноистражувачки проект, а учествувала во работата на четири меѓународни проекти. Џ. К.