МЕЃУНАРОДНИ СМЕТКОВОДСТВЕНИ СТАНДАРДИ

МЕЃУНАРОДНИ СМЕТКОВОДСТВЕНИ СТАНДАРДИ (МСС) – општоприфатени стандарди, креирани и публикувани во периодот 1973–2000 г. од страна на Комитетот за меѓународни сметководствени стандарди (КМСС). Од 2001 г. КМСС се заменува со Одбор за сметководствени стандарди, во чии ингеренции спаѓа ажурирањето и публикувањето на МСС. Изминативе неколку години Одборот, меѓу другото, надополни некои од МСС, а дел од нив на 1. Ⅳ 2002 г. ги замени со нови Меѓународни стандарди за финансиско известување (МСФИ). МСС се креирани како одговор на потребите на глобалните пазари на капиталот, кои бараат заеднички сметководствен „јазик“ за комуницирање со финансиските информации. Непостоењето на еден „заеднички јазик“ кај корисниците на финансиските извештаи внесува доза на сомневање во презентираните информации, според на различните национални стандарди. Драматично брзиот развој на мултинационалните компании во текот на изминативе 35 години, по рушењето на бариерите помеѓу националните економии, ја промени деловната и политичката клима, ја зголеми глобалната конкуренција и ја наметна дилемата за хармонизирање на презентираните информации во финансиските извештаи на глобално меѓународно ниво. Напорите за развој на заедничка рамка за глобално финансиско известување КМСС ги темелеше на потребата од презентирање на високо квалитетни финансиски информации, без оглед на географската локација и различната сметководствена традиција на деловните ентитети. Меѓутоа, обезбедувањето на високо квалитетните финансиски информации не зависи единствено од користениот сет на МСС. Високиот квалитет на користените МСС мора да биде поткрепен со инфраструктура што обезбедува нивно правилно толкување и примена во сметководствената практика на националните економии. Почнувајќи од 1998 г., во РМ се гради потребната инфраструктура за правилна примена на МСС. Во ноември 1998 г. МСС се преведени и се прифатени од страна на Министерството за финансии како супститут за национални сметководствени стандарди. Со формирањето на Институтот на овластени ревизори на РМ во мај 2006 г., во согласност со Законот за ревизија од септември 2005 г., Комисијата за сметководствени стандарди ги презеде ингеренциите за ажурирање, публикување и правилна имплементација на МСС во сметководствената практика на РМ. ЛИТ.: Б. Ј., Епстеин анд Али Мирза Аббас, ИАС Интерпретатион анд Апплицатион оф Интернатионал Аццоунтинг Стандардс 1998, Њилеѕ, 1998. З. Б.